Швајцарската банка Credit Suisse објави дека планира да затвори 37 филијали во матичната земја, како дел од напорите да го направи работењето поефикасно, додавајќи дека затворањето на голем број работни места е неизбежно.
Банкарскиот гигант изјави дека најавените измени треба да бидат реализирани до крајот на тековната година, со што ќе се намали бројот на филијали во Швајцарија на 109 од сегашните 146.
Дел од ова намалување се должи на спојувањето на работењето на нивната подружница Neue Aargauer Bank AG, во северниот кантон Арау, со работењето на Credit Suisse. Банката соопшти дека во последните две години бележи пораст на употребата на онлајн банкарството за 40%, додека употребата на својата услуга за мобилно банкарство е зголемена повеќе од двојно.
Банката нагласува дека корона кризата дополнително ги забрза овие трендови и дека бројот на посети на клиентите на филијалите опаѓа со години наназад.
Credit Suisse предвидува дека ќе ги намали трошоците и ќе успее да заштеди околу 110 милиони долари почнувајќи од 2022 година.
Фото: Freepik