ММФ со предупредување: Кризата со коронавирусот не е завршена

83

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека кризата со коронавирусот сѐ уште не е готова и додаде дека е потребна мултилатерална соработка за да се обезбедат соодветни резерви на вакцината, кога таа ќе биде произведена.

Во текстот објавен во Форин полиси, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, и главната економистка на Фондот, Гита Гопинат, наведоа дека актуелното економско заздравување од кризата е резултат на брзата примена на мерките за поддршка на централните банки на државите од невидени размери, но дека ќе биде потребно да се вложат дополнителни напори.

“Заздравувањето е и понатаму кревко и различно по региони и сектори. За да се обезбеди продолжување на закрепнувањето, од клучно значење е таквата поддршка да не биде прерано сопрена“, оценија Георгиева и Гопинат во написот.

Ковид-19, болеста предизвикана од новиот коронавирус, однесе 900.000 животи низ светот, а ММФ проценува дека вкупните трошоци на кризата ќе достигнат 12 билиони американски долари до крајот на следната година, поради што на земјите со ниски приходи веројатно ќе им биде потребна континуирана финансиска поддршка.

ММФ обезбеди итно финансирање за 75 земји, меѓу кои 47 држави со ниски приходи и најави дека е спремен да обезбеди поддршка за поширок спектар на земји со среден приход.

Освен поддршката за работниците и претпријатијата и вложувањата во спречување на глобалното загревање и сопирање на растот на нееднаквоста во светот, лидерите на ММФ порачуваат дека владите мора да соработуваат на меѓународно ниво за да се стави крај на здравствената криза.

“До вторникот во процес на развој беа најмалку 128 вакцини, од кои 37 веќе се во фаза на тестирање на луѓето“, пишуваат Георгиева и Гопинат, кои прогнозираат шанси од 90% за успешен развој на таков производ.

Тие додадоа дека глобалната соработка е неопходна за да се обезбедат навремено производство и соодветни резерви за сите земји, како и праведна дистрибуција на вакцините.

“Нееднаквата распределба би можела да ги подобри економските прилики во земјите кои први ќе ја обезбедат вакцината, но нема да ги заштитат од послабата побарувачка од трговските партнери од земјите кои без вакцина ќе се мачат со економското заздравување“, се заклучува во текстот.

Фото: Pixabay