На БиХ ѝ треба еден век за да го достигне животниот стандард на ЕУ

28

Граѓаните на Босна и Херцеговина (БиХ) тежнеат кон повисок животен стандард во иднина, добра работа, подобра инфраструктура и јавни услуги, здрава и одржлива околина, како и членство во Европската унија (ЕУ), но БиХ е далеку од остварување на тоа и се соочува со забрзано губење на населението, што е најдрагоцен ресурс.

Ова се наведува во документот Ажурирана систематска дијагностика на земјите на Светска банка, пренесува Дневни аваз.

“Секоја година илјадници луѓе ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот. Земјата не може да си дозволи и понатаму да го губи населението, а за да се мотивираат луѓето за да останат, ќе биде потребно исполнување на нивните желби за подобар живот за нив самите и нивните семејства. Тоа е можно, но бара одлучни активности на сите актери за надминување на идентификуваните предизвици“, се наведува во документот на Светска банка.

Иако економскиот раст во последните години е стабилен, на приближно 3%, тоа е премалку за да ја носи земјата на патот на заедничкиот просперитет.

“Доколку БиХ продолжи со раст по иста стапка, ќе ѝ бидат потребни 100 години да го достигне животниот стандард на ЕУ. Ниту сегашниот раст не може да се земе ‘здраво за готово’, со оглед на тоа што во голема мера се потпира на извори што не се долгорочно одржливи, како што е на пример, личната и потрошувачката на јавниот сектор“, се наведува во документот на Светска банка.

Сиромаштијата и понатаму е проблем за земјата, со влошување на состојбата на сиромашното население во последните години.

Демографските трендови, како што забележува Светска банка, бараат итна акција, бидејќи БиХ забрзано го губи човечкиот капитал.

“Една третина од луѓето од Босна и Херцеговина живеат надвор од земјата, а секоја година земјата ја напуштаат илјадници луѓе во потрага за подобар живот, вклучувајќи и подобра работа, образование и здравство, подобри јавни услуги и чиста околина. Бидејќи младите и цели семејства ја напуштаат земјата, населението што останува брзо старее, а ниската стапка на фертилитет укажува на тоа дека тој тренд ќе продолжи да расте“, се наведува во документот од Светска банка.

Фото: Pexels