Познат моден бренд има нова еко стратегија – откупуваат стари модели и повторно ги продаваат

96

Популарната компанија за производство на фармерки, Levi Strauss, Levi’s, најави дека ќе започне нова програма за откуп и препродажба за да се намали отпадот од текстил.

“Веќе имаме доминантен удел на пазарот во користени фармерки, така што овој чекор беше логичен за нашиот бренд”, изјави директорката за маркетинг, Џенифер Сеи за новата иницијатива на компанијата Levi’s, којашто го носи името SecondHand.

Преку SecondHand, Levi’s ќе им овозможи на клиентите да ги заменат користените фармерки и јакни за подарок картичка чија вредност се проценува на околу 10 до 20 евра, во зависност од состојбата на донесената облека.

Купувачите имаат нова можност, а тоа е покрај продажбата на своите стари парчиња, сега да купат и “нови“ користени фармерки и јакни донирани од други. Фармерките ќе имаат цена од 25 до 80 евра. Доколку облеката не е во согласност со “стандардите за препродажба“, купувачот ќе добие подарок картичка во вредност од четири евра, а панталоните ќе го продолжат патот за рециклирање.

“Особено младите имаат навистина висок ангажман на пазарот на половна облека. Скоро 60% од нив купуваат половна облека, што можам да го потврдам од лично искуство, бидејќи тоа го прават моите тинејџери. Тие обожаваат ‘лов’ на облека. Тие чувствуваат дека со овој вид на набавка добиваат нешто малку поуникатно. И во време кога ретро стиловите од 80-тите и 90-тите години се толку популарни, повеќе сакаат да го имаат оригиналот, наместо копија што е производ на денешната модна индустрија. Ако сите решивме да купиме користен пар наместо нов, тоа ќе заштеди 80% од емисијата на јаглерод диоксид и околу 1,5 килограм отпад“, објасни Сеи.

На глобално ниво, потрошувачите годишно “фрлаат“ скоро 400 милијарди евра за облека.

Фото: Pixabay