Бидејќи не се купуваат костуми, тие се соочуваат со сериозни последици

84

Трендот на работа од дома ја намали побарувачката за костуми и деловна облека, но остава и сериозни последици врз одгледувачите на овци во Австралија. Тоа е така бидејќи цената мерино волната, што е најважен материјал за костумите, веќе со месеци е во слободен пад, пишува Ројтерс.

Костумите на италијанскиот моден дизајнер, Брунело Кучинели, достигнувале цена и до 7.000 евра. И покрај високата цена, до пред пандемијата имало голем интерес за нив, а сега ретко кој се решава да ги купи.

“Сите бевме заклучени во домовите, па ова е прв костум што го облеков од март“, вели Кучинели, кој во септември во Милано ја претстави најновата колекција.

Многу луѓе со месеци работат од дома, поради пандемијата, но аналитичарите сметаат дека тој тренд ќе продолжи и по стивнување на заразата предизвикана од Ковид-19.

Во Австралија, којашто е најголем светски производител на мерино волна, цените се на најниско ниво во последните неколку децении. Со оглед на тоа што италијанските текстилни фабрики се најголем потрошувач на оваа суровина, цената на мерино волната падна за над 50%.

На почетокот на септември, просечната цена на килограм волна се спушти до 8,58 австралиски долари, додека на почетокот на минатата година била 20,16 долари.

Фото: Freepik