Од работник во фабрика за цевки до милијардер – како се разви приказната за Miniso

618

Jе Гуофи, основач на брендот Miniso, денес е во друштво на милијардерите во светот. Неговата претприемничка приказна започна скромно од една фабрика за челични цевки, за денес да биде на чело на профитабилен бизнис отпорен на криза.

Неговото богатство доаѓа благодарение на новиот тренд што го наметна пандемијата, а ги сврте потрошувачите кон купување поевтини производи, пишува Блумберг.

Кинески Miniso Group Holding успеа да собере 608 милиони долари преку иницијална јавна понуда во Њујорк, со што неговиот основач Је Гуофи и неговата сопруга сега се побогати за повеќе од четири милијарди долари. Тие двајца располагаат со околу 65% од акциите во компанијата.

Над 95% од широката лепеза на производи што ги нуди Miniso не се поскапи од 7,5 долари. Компаниите како Miniso почнуваат да доминираат на глобалниот пазар во услови на рецесија поттикната од пандемијата.

“Бидејќи пандемијата предизвика пад на моќта на потрошувачите на глобално ниво, тие повеќе се насочуваат кон марки што нудат повисока вредност за парите. Тоа е одлична прилика за Miniso. Колку подолго се наоѓаме во економски пад, толку повеќе ќе може да очекуваме раст и развој“, рекол Је.

Во првите денови од тргувањето, акциите на Miniso пораснаа за 25%.

Инаку, Је потекнува од провинцијата Хубеј, а во светот на бизнисот влегол со скромни чекори, како и многу претприемачи од неговата генерација. Почнал да работи во фабрика за челични цевки, а во трговија влезе откако почна да продава од керамички до козметички и модни производи.

Во 2013-та година бил на патување во Јапонија од каде што добил идеја за бизнисот и го пренел во Кина.

Miniso денес има над 4.200 продавници од кои 60% се во Кина, а остатокот во 80 земји во светот.

Фото: Miniso.com