Ирска со најстроги мерки против коронавирусот во Европа

51

Ирскиот премиер, Мајкл Мартин, потврди дека неговата земја ги враќа најстрогите мерките во борба против коронавирусот, коишто ќе траат шест недели.

Мерките што ќе почнат да се применуваат од среда, важат за едни од најстрогите во Европа, а подразбираат затворање на продавниците, освен за основни продукти, ограничување на движењето на граѓаните до пет километри од домот, а рестораните и пабовите ќе вршат само достава и нема да примаат гости.

Училиштата, според одлуката, ќе останат отворени, а ќе продолжи со работа и градежниот сектор. Хотелите ќе може да останат отворени, но со ограничен обем на работа.

“Во настојување да го сузбиеме вирусот, воведовме она што најверојатно е најстрог режим во Европа“, рекол Мартин. Тој првично ги одбил апелите на здравствените работници да се подигне нивото на заштита.

Иако земји коишто се борат со висока стапка на заразени, како што се Белгија, Холандија и Франција, ги затворија баровите, рестораните и воведоа полициски час, ниту една земја нема воведено толку строги мерки за движење.

Во неделата, Ирска петти пат во рок од девет дена рушеше рекорд по бројот на заразени во еден ден и е 12-та меѓу 31 европска земја што се анализирани од страна на Европскиот центар за контрола на болести.

Фото: Freepik