Кинеската компанија Huawei објави дека одлучи да го продаде брендот телефони Honor, бидејќи во изминатиот период тој дел од нејзиниот бизнис бил под огромен притисок и не можел да обезбеди редовна достапност на техничките елементи потребни за работа со мобилни уреди.
Брендот Honor ќе биде продаден на кинеската компанија Shenzhen Zhixin New Information, што ќе помогне, како што е наведено во соопштението, со нејзините канали за продажба и набавки “да преживеат во овој тежок период“.
Откако ќе заврши продажбата, Huawei нема да биде сопственик на акциите или на кој било начин вклучен во управувањето или донесувањето одлуки на новиот сопственик на брендот Honor.
Брендот постои веќе седум години и годишно испорачува повеќе од 70 милиони телефони во ниската и средна ценовна категорија.
“Се надеваме дека новата компанија Honor ќе продолжи со чесниот однос кон своите акционери, партнери и вработени. Сакаме да видиме дека Honor продолжува да создава вредност за своите потрошувачи и да гради нов интелигентен свет за младите“, се вели во соопштението.
Huawei претрпе големи загуби поради санкциите што ги блокираат компаниите да пристапуваат до американските компоненти на паметните уреди.
Соединетите држави наведуваат дека компанијата претставува закана за националната безбедност, бидејќи наводно, постои можност за шпионирање за кинеската влада, што Huawei го негираше.
Фото: Facebook