Даглас е името на виртуелен автономен лик што може самостојно да функционира на видео состаноци, што станаа секојдневие на вработените во услови на пандемија.
Зад неговиот дизајн стои компанијата Digital Domain, што се занимава со изработка на визуелни ефекти, а свој потпис има и во познати филмски остварувања како што се Титаник, Avengers и во видео игри меѓу кои и Destiny и Assassin’s Creed Odyssey.
Името го добива според директорот на компанијата, Даг Робл, кој го “позајмил“ својот лик, гримаси, движења и глас. Преку креирање на овој реалистичен модел, целта на компанијата е Даглас да развива комуникација меѓу луѓе и компјутери и сето тоа да изгледа што е можно поприродно и едноставно, пишува Mashable.
Идејата да се создаде ваков аватар е да послужи како помошник во видео разговори најчесто на службите за грижа за корисници, каде би ги замениле вистинските луѓе во извршување на одредени основни задачи што се повторуваат и на тој начин да им заштедат време.
За тренирање и создавање нов лик на основа на Даглас потребни се половина час звучен или 10 минутен видео запис, а потоа личноста да се дигитализира и да се претвори во нов дигитален помошник.
Фото: YouTube screenshot