Ќе се реконструира Железничката станица во Скопје

44

Zeleznicka-stanica-SkopjeДо 2015 година железничката станица во Скопје се планира да биде целосно реконструирана. Денешната објава на тендер за избор на градежна компанија ја најави постапката за реконструкција и надградба на објектот.

“Проектот го реализираме со помош на ЕУ, со финансии во износ 2,5 милиони евра, од кои 85% се од ИПА фондовите, а 15% од домашно финансирање. Реконструкцијата се случува по цели 33 години, односно од изградбата на Железничката во 80-тите години”, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тендерот трае до 3 септември и како што истакна министерот, изборот на градежната компанија треба да заврши најдоцна до јануари наредната година и да почнат градежните работи. Предвидено е изградбата да трае 12 месеци.

Со изготвениот основен проект според европските и националните стандарди планирано е подигање на нивото на перонската платформа, поставување два нови лифта, замена на скалишните краци од мезанинот до платформата со нови, реновирање на чекалните, поставување нови информативни табли… Ќе се реновираат и влезот во станицата со  пристап за лица со хендикеп и тоалетите.

“Веќе се изготвени и проектите за останатите 10 железнички станици на Коридорот 10 и во текот на месецов во соработка со ЈП Инфраструктура ќе ги доставиме документите до ЕК”, најави Јанакиски.

Минатата година преку Железничката станица во Скопје се превезени 653.868 патници, а во 2011. 947.119.