Алкалоид проектира добивка од 20 милиони евра во 2021 година

78

Фармацевтската компанија Алкалоид проектира дека следната 2021 година ќе ја заврши со нето добивка од 20.000.000 евра.

“Консолидираната нето добивка е предвидена со раст од најмалку 8% во однос на очекуваната за 2020 година“, стои во Бизнис планот за 2021 година.

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 10% на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноци и пред амортизација.

“Бизнис планот за 2021 година предвидува консолидирани продажби од над 207 милиони евра, што претставува раст од 7% во однос на очекуваните за 2020 година“, стои во Бизнис планот.

Сегментирано, по профитни центри, 86 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 14 % ПЦ Хемија, козметика, билкарство.

Групацијата Алкалоид е составена од две подружници во земјава, како и од 17 подружници и од две претставништва во странство, односно во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, во Бугарија, Турција, Украина, Русија и во САД. Компанијата има 1.832 вработени во земјава и 539 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија.

Фото: Facebook