Македонските и бугарските бизнисмени ќе настојуваат значително да се подобри меѓусебната трговска размена преку заеднички инвестиции во производни погони и освојување трети пазари, при што ќе се обидат да отстранат одредени бариери кои постојат меѓу двете држави.
Ова беше договорено од страна на претставниците на Трговската комора на Бугарија и на Асоцијацијата на индустриски капитал на Бугарија со членовите на Македонско-бугарската стопанска комора.
Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски рече дека целта на оваа комора е трговската размена меѓу Македонија и Бугарија да достигне две милијарди евра од сегашните 600 милиони евра.
“Сметаме дека нашите гости од Бугарија ја имаат таа инфраструктура и имаат можности да бидат сервис до бугарските пазари”, рече Темелковски, додавајќи дека се разговарало и за воспоставување на добри односи во енергетиката.
Тоа што бугарски банки со свој капитал се влезени во Македонија според Темелковски претставува добра основа за влез и на други инвестиции од оваа држава.
Претседателот на Трговската комора на Бугарија Рачо Цветков изрази уверување средбата е само почеток на една плодна соработка.
“Тука сме присутни претставници кои претежно се занимаваат со проблемите на трговијата, но интересот кој го покажаа македонските организации и нивните членови е да се вклучат и претставници на производството”, рече Цветков, додавајќи дека на наредната средба во Софија ќе бидат присутни и претставници на бугарската индустрија.
Тој најави дека ќе се разгледуваат можностите за заеднички инвестиции, како во Македонија така и во Бугарија и ќе се бараат можности за раширување на меѓусебната соработка.