Одобрена петта емисија на акции на Граве Неживот од 1,5 милиони евра преку приватна понуда

80
Illustration of family life insurance

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на 95-тата седница донесе Решение со коешто на Акционерското друштво за осигурување Граве Неживот Скопје му даде одобрение да издаде петта емисија на акции по пат на приватна понуда.

Станува збор за 1.500 обични акции, со продажна цена од 1.000 евра по акција, односно со вкупна  продажна вредност на емисијата од 1.500.000 евра, во денарска противвредност. Со ова, Друштвото за неживотно осигурување Граве Неживот Скопје врши трансформација на субординираниот долг во износ од 1.500.000 евра во траен влог со издавање на нови акции наменети за единствениот акционер на друштвото GRAZER WECHSELSEITIGE VERSICHERUNG AKTIENGESELLSCHAFT Австрија.

Исто така, КХВ го усвои предлог Правилникот за формата, содржината на барањето и потребната документација за добивање на дозвола за работа на брокер и дозвола за работа на инвестициски советник.

Со овој правилник се регулираат двете постапки за добивање на дозволите за работење на брокер и на инвестициски советник во еден акт, со што се поедноставува нивната примена. Согласно Законот за хартии од вредност предложениот подзаконски акт, КХВ го стави на јавна расправа на својата веб страна  каде во наредните 30 дена засегнатите страни ќе можат да ги кажат своите забелешки и сугестии.

На седницата што се одржа денеска на 11 февруари, 2021 година, КХВ обнови една дозвола за инвестициски советник, а донесе три решенија за исполнување на условите за полагање на стручниот испит за инвестиционо советување од  9-тата обука.

Фото: Freepik