Биткоинот и една од најпопуларните крипто средства во последните неколку месеци, соборувајќи рекорди во вредноста. Па сигурно сте си го поставиле прашањето, дали може да се плаќа со биткоини или некоја друга крипто валута во земјава?
Според Народната банка, крипто средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Безготовинските плаќања во земјава се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесниците во платниот промет во земјата.
Ова е едно од најчесто поставуваните прашања во врска со крипто валутите на коишто Народна банка дава одговор.
Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.
Денеска, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.
Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.
Фото: Freepik