Инфлација од 1,9% во јануари

76

Годишната стапка на инфлација во јануари изнесува 1,9% (2,3% во минатиот месец) и произлегува главно од растот на цените на базичната и прехранбената компонента, а во мал дел и од енергетската компонента, покажуваат податоците на Народна банка.

Остварената годишна стапка на инфлација во јануари е во согласност со проектираната стапка на инфлација според октомврискиот циклус проекции, при нагорно отстапување кај енергетската компонента, а во помала мера и кај базичната компонента, додека мало надолно отстапување има кај цените на храната. Цените на базичната компонента на инфлацијата во јануари се непроменети на месечна основа (по забележаниот раст во претходниот месец од 0,9%). На годишна основа, стапката на базична инфлација бележи минимално забавување и изнесува 1,8% (1,9% во претходниот месец). Притоа, највисок позитивен придонес имаат цените на тутунот , по што следува придонесот на цените на услугите во ресторани и хотели, додека цените на воздушниот сообраќај, аудиовизуелната и информатичката опрема и цените на облеката имаат негативен придонес.

Во јануари 2021 година, домашните потрошувачки цени забележаа намалување за 0,2% на месечна основа (по нивното зголемување од 0,4% во претходниот месец), во најголем дел заради намалувањето на цените во категориите од прехранбената компонента, во услови на непроменета базична инфлација и мал позитивен придонес на енергетската компонента.

Во однос на очекуваните движења на цените на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, направените ревизии се главно во нагорна насока. Во вакви услови, и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со вториот бран на пандемијата и мутациите на вирусот, како и со производството и дистрибуцијата на вакцините.

Фото: Pexels