Секој има дефиниција за успех – откријте која е вашата

135

Како мудро да одговорите на предизвиците кои ви претстојат, да не потклекнувате на неуспехот и да не се водите според успехот на останатите стартапи се клучни фактори кои влијаат на развој на еден успешен стартап.

Ексклузивни детали како да креирате успешен бизнис план во интервју за Локално открива  Ашер Садики, од неодамна член на Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој е задолжен за процесот на оценување и селекција на предлог проектите. Ашер Садики поседува над 20 години искуство во корпоративен развој, дел од 500 Startups во САД, но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на Etisalat во ОАЕ. Etisalat претставува светска водечка телекомуникациска група во земјите во развој, нудејќи услуги и решенија на повеќе од 141 милиони корисници во 15 земји од Блискиот исток, Азија и Африка.

“Самиот почеток воопшто не е лесен за ниту еден стартап, едноставно треба да се направат големи чекори за да се остварат големи нешта – оние претприемачи кои ќе ви кажат дека е лесно или имаат среќа или имаат нефер предности (како што се семејно богатство, мрежен пристап и сл.). Предлагам да не се водите од успехот на другите, туку да се обидете да разберете што нив ги доведува до тој успех и да се обидете да научите од тоа и  да ги применете тие учења за себе. Секој има дефиниција за успех – откријте која е вашата“, вели Садики.

Неговиот совет до луѓето кои започнале стартап е фокусирање на градење на одржлив бизнис со производи кои ги решаваат проблемите на клиентите и кои обезбедуваат извонредно корисничко искуство.

“Внимателно размислете дали ви треба надворешно финансирање и доколку ви треба, проверете дали ги регрутирате вашите инвеститори кои се во согласност со вашата визија и можат да додадат вредност, а не само да обезбедат капитал. Бидете внимателни кога вработувате клучни членови во тимот, не брзајте со вработувањето, но побрзајте со отпуштањето“, вели тој.

Фото: Pixabay