Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на својата интернет страница јавно го објави договорот за закуп на агрокомбинатот Џумајлија, склучен со Сахара Корпорејшн Лимитед.
Договорот се однесува на закуп на 5353 хектари државно земјиште, а е склучен на 15 години. Компанијата ќе плаќа 121.000 евра годишно.
Според најавите, индискиот мултимилјардер Субрата Рој планира во првите три години да вложи преку 200 милиони евра во агрокомбинатот Џумајлија, за што веќе е уплатена банкарска гаранција.
Покрај тоа, предвидено е вработување на над 2.000 лица, како и изградба на фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20.000 грла говеда.
Инвестициите ќе се одвиваат етапно, а за 18 месеци компанијата е обврзана да вложи 60 милиони евра и да вработи 900 лица.
На интернет страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство стои дека Министерството позитивно ги оценува инвестициските планови на индискиот инвеститор.
“Нашиот интерес како држава во најавената инвестиција го гледаме пред се во можноста за отворање на нови работни места, развој на земјоделствoто и особено делот на сточарството како области во кој како Влада посветуваме особено внимание”, стои во соопштението од прес конференцијата на министерот за земјоделство Љупчо Димовски и индискиот инвеститор Субрата Рој.
“Оваа инвестиција за нас е можност да се развиваме во сегмент што го владееме одлично. Млечната индустрија има можности за развој единствено ако се вложат средства. Без инвестиции ниеден бизнис не е оддржлив, а посебно не сегментот на земјоделството каде тие се повеќе од потребни. Нашите намери во оваа земја се искрени, а со оглед на гео – стратешката положба на земјата, можностите за успех на еден бизнис се големи. Анализите ни покажуваат дека со правилни инвестиции ќе успееме да ја оствариме нашата цел да бидеме лидери во овој сегмент во регионот. Можностите за развој се големи само треба да се искористат”, изјави Субрата Рој, претседател на Сахара Групацијата.
Договорот може да го погледнете на следниот линк: http://www.mzsv.gov.mk/files/Dogovor.pdf