Кој сектор во земјава има најголем промет?

228

Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, 58.765 пазарно ориентирани деловни субјекти, активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности, оствариле вкупен промет од 1.387.046.000.000 денари и додадена вредност од 300.053.000.000 денари. За ангажираните 400.629 вработени лица, издвоени биле 148.827.000.000 денари.

Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 40,9%, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 28,7%, Градежништво и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 6,7% и секторот Транспорт и складирање со 5,8%.

Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27,6%, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 24%. Значително учество во додадената вредност има секторот Градежништво (9,8%), додека подеднакво учество од 7,9% имаат секторите Транспорт и складирање и Информации и комуникации.

Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,5%), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31,3% од вкупно вработените, тие создале 21% од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија со учество од само 0,3% и со ангажирани 26,3% од вработените создаваат 34,1% од вкупната  додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (14,1%). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 42,4% од вработените и создадоа 44,9% од вкупната додадена вредност во  деловниот сектор.

Фото: Pexels