Volkswagen ќе бара отштета од поранешните шефови за аферата Dieselgate

83

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen објави дека ќе побара обештетување од поранешниот извршен директор Мартин Винтеркорн и поранешниот извршен директор на Audi, Руперт Штадлер, во врска со скандалот со фалсификување на податоците за емисии на штетни гасови.

Адвокатската фирма Gleiss Lutz спроведе истрага која опфати преглед и анализа на 1,6 милиони досиеја и повеќе од 1.550 интервјуа и испрашувања, соопшти компанијата.

“Надзорниот одбор на Volkswagen го заврши процесот на разјаснување и ја заврши истрагата за причините за дизел кризата и одговорноста, што ја започна во октомври 2015 година. Заклучокот е дека Винтеркорн и Стадлер ја прекршиле должноста со која се барало да ги штитат интересите на компанијата. Другите членови на одборот се ослободени од одговорноста за скандалот.

Затоа Надзорниот одбор на состанок одлучи да поднесе тужба за отштета против поранешниот извршен директор на Групацијата, Мартин Винтеркорн и поранешниот член на Управниот одбор на групацијата и извршен директор на Audi, Руперт Штадлер.

Винтеркорн и Штадлер тврдат дека не се одговорни за фалсификување на податоците за емисии од дизел автомобилите.

Инаку, Volkswagen призна во 2015 година дека користел неовластен софтвер во САД за да манипулира со податоците за тестовите на емисија на штетни гасови од моторите, предизвикувајќи најголема криза во нејзината историја. Скандалот го чинеше повеќе од 32 милијарди евра казни, прилагодувања на автомобили и правни трошоци.

Винтеркорн се повлече од функцијата извршен директор на 23 септември 2015 година, една недела по избивањето на скандалот. Околу три години подоцна, VW го раскина договорот со Штадлер поради кривична истрага што треба да покаже дали групацијата учествувала во манипулација со податоци.

Во изјавата на адвокатите на Винтеркорн се вели дека поранешниот извршен директор изрази жалење за одлуката на надзорниот одбор и ги отфрли обвинувањата. Тие додадоа дека „ќе се обидат да ги разјаснат горенаведените прашања во договор со „Фолксваген АГ“. Адвокатите на Штадлер одбија да го коментираат барањето за отштета.

Фото: Freepik