Amazon лани блокирал над 10 милијарди сомнителни огласи

49

Американската компанија за онлајн трговија, Аmazon којашто се најде под притисок на клиенти, брендови и законодавци да сузбие фалсификати на својата веб-платформа за трговија, соопшти дека минатата година блокирала повеќе од 10 милијарди сомнителни лажни огласи за да спречи продажба на нивните производи.

Во првиот извештај на Аmazon за борба против фалсификување од воведувањето на нови алатки и технологии во 2019 година, се вели дека бројот на блокирани лажни огласи се зголемил за приближно 67% во однос на претходната година.

Мултинационалната технолошка компанија со седиште во Сиетл соопшти дека се зголемил бројот на фалсификатори кои се обидуваат да продадат на страницата, затоа што измамниците се обиделе да ги искористат корисниците кои за време на пандемијата повеќе купувале преку Интернет.

Аmazon со години се бори против фалсификати, но од 2019 година ги предупредува инвеститорите дека продажбата на фалсификувана стока претставува ризик за компанијата и нејзиниот имиџ.

Компанијата минатата година уништи два милиони фалсификувани производи кои пристигнале во нејзините магацини.

Аmazon соопшти дека може да ги запре фалсификаторите пред да продадат нешто, благодарение на технологијата што автоматски ги скенира списоците за да отстрани сомневањата за фалсификати.

Компанијата исто така им дава можност на брендовите да ги отстранат лажните предмети од самата страница, наместо да ги пријавуваат во Аmazon и да чекаат да направи нешто.

Фото: Freepik