Среднорочна фискална консолидација и политики за побрз економски раст

38

Пандемијата силно ги погоди сите економии во светот и наметна потреба од голем фискален стимул, што доведе до проширување на буџетските дефицити и раст на јавниот долг во глобални рамки. Таков е случајот и со јавните финансии кај нас, со што во 2020 година дефицитот се зголеми на околу 8% од БДП, а раст забележа и јавниот долг со нешто помал интензитет од интензитетот во ЈЕИ. За натамошна одржливост на долгот, клучно е доследното спроведување на најавената среднорочна фискална консолидација, но и спроведувањето политики за побрз економски раст.

Тоа би довело и до подобрување на кредитниот рејтинг на земјата, што би било од големо значење за согледувањата на инвеститорите. Ова е особено важно во време кога сѐ повеќе се зборува за дивергентно заздравување на економиите ‒ побрзо заздравување на развиените економии и ризик од раст на каматните стапки на меѓународните пазари, што може неповолно да се одрази на малите економии што каде премијата за ризик е повисока. Оттаму, клучниот предизвик е како да се постигне соодветна рамнотежа помеѓу потребата за поддршка на економијата и јакнење на фискалната позиција, бидејќи и двата аспекти се клучни за одржливоста на долгот.

Ова се дел од заклучоците на трудот Пандемијата и левериџот на јавниот сектор – дали има пандемиско реоценување на ставовите / ризиците? Случајот на Република Северна Македонија, на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување, Билјана Давидовска-Стојанова.

Трудот денеска беше презентиран во рамки на научната конференција на тема Предизвици на фискалната политика во периодот на пандемијата од ковид-19 и перспективи во посткризниот период, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Министерството за финансии.

Во рамки на презентацијата на трудот, по изложување на тезите и направените анализи, на Конференцијата беше посочено на потребата од рационално искористување на јавните ресурси, за расходите коишто нема да имаат само краткорочни ефекти врз растот, туку долгорочно ќе го зголемуваат потенцијалот за раст на економијата и на буџетските приходи, а со тоа и ќе ја олеснуваат фискалната консолидација. Исто така, беше посочено на потребата од насочување кон расходи со поголем фискален мултипликатор, особено капиталните инвестиции.

Во трудот е нагласена и потребата од расходи коишто ќе придонесат за постпандемиска трансформација на економијата, имајќи ги предвид структурните промени коишто ги донесе таа или повеќе ги нагласи, пред сѐ во делот на дигитална, инклузивна и зелена економија. Во тој контекст, трудот посочува и на расходите насочени кон трансформација на пазарот на трудот во согласност со трансформацијата на економијата.