Автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен кон крајот на 2023 или на почетокот на 2024 година

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид е меѓу приоритетите на Владата. Посебен тим на Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта работат максимално на приоритетните проекти за да ја оспособиме комплетната траса за работa.

Oва денеска го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој изврши увид на автопатот во изградба Кичево-Охрид, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и неговиот заменик. Тие остварија средба со надзорот на овој автопат, од каде ги добија сите неопходни информации во врска со моментална состојба на автопатот.

“20 инфраструктурни проекти се готови и може на дваесетина нови позиции непречено да се работи. Она што го гледаме на терен се преку 356 градежни машини и над 730 работници, кои секојдневно работат за да го испорачаме овој автопат на граѓаните, нагласи Бочварски.

Во однос на шпелулациите дека автопатот поскапел, дека се потребни дополнителни средства, Бочварски истакна дека таквите информации не се точни. Цената, како што рече, е утврдена во 2018 година на 598 милиони евра и не станува збор за дополнително поскапување.

“Од новиот автопат досега се асфалтирани 31 % од првиот слој на асфалтот, изградени се над 3.500 метри потпорни ѕидови, а ископот е завршен со 53 %. Завршени се дополнителни проекти за деветте клучки. Во тек е експропријацијата на земјиштето за косините, конструкцијата на тунелот е завршена, останува да се заврши електричната и инасталациона мрежа“, изјави министерот Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми соопшти дека се на увид на автопатската делница Кичево-Охрид, во должина од 57 километри и информираше за динамиката на изградбата на овој автопат.

“Се работи на земјени работи на поголем број на вијадукти, клучки, пристапни патишта, потпорни ѕидови, надпатници и потпатници, а како најимпресивен објект на овој автопат го истакна конзолниот  вијадукт кај село Добреноец со височина од 70 и должина 520,7 метри. Вкупната реализација од досегашната изградба на автопатот изнесува 322,4 милиони евра“, рече Рустеми.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Бочварски одговори дека според зацртаната динамика и интензитет на градба се очекува овој автопат да биде завршен кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година.