Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја зголеми прогнозата за глобален економски раст на 5,8% за оваа година и на 4,4% за 2022 година, според новиот извештај за глобалните економски изгледи објавен денеска.
Во претходниот извештај во март, ОЕЦД предвидуваше раст на глобалниот бруто домашен производ (БДП) од 5,6% во 2021 година и 4% наредната година, пренесува Ројтерс.
Активноста на светската економија се врати на нивото пред пандемијата, но сè уште не ја достигна стапката на раст што беше предвидена пред светската здравствена криза, наведува организацијата со седиште во Париз, во своето ново издание.
“Светската економија оди кон закрепнување, но со многу пречки на тој пат. Сè уште постои зголемен ризик да не биде постигнат доволен раст по пандемија или дека нема да биде широко распространет“, рече главната економистка на ОЕЦД, Лоренс Боун во воведниот говор на извештајот.
Владите треба да продолжат да ги поддржуваат домаќинствата и компаниите сè додека не се постигне доволно глобално ширење на вакцинацијата, заклучува ОЕЦД.
Фото: Freepik











