Естонија е една од ретките земји коишто кризата едвај и да ја допре. Со висок бруто домашен производ (БДП) од 8%, Естонија на прв поглед е земја каква што само би посакале, но изгледа дека нешто не е како што треба. Имено, работната сила масовно ја напушта, а повеќето веќе не сакаат да живеат во Естонија, особено не во Талин. Зошто?
“Економскиот раст од 8% делумно е поради намалувањето на платите и пензиите. Освен тоа, од економскиот полет главно профитираат пообразованите во поголемите градови и во метрополата. Надвор од поголемите урбани центри, жителите едвај спојуваат крај со крај. Состојбата не е подобра ниту во јавните служби, затоа што, на пример, наставниците во просек заработуваат околу 500 евра месечно што не е доволно за живот во Талин, каде кириите и цената на храната се на западноевропско ниво”, стои во анализата на Deutsche Welle.
Како резултат на ова, се повеќе луѓе се одлучуваат да заминат во Финска, па само во Хелсинки живеат и работат преку 40.000 Естонци.
Проблемот со иселувањето е видлив и од статистичките податоци. По прв пат од осамостојувањето, бројот на жители на Естонија падна под границата од 1,3 милиони. Во последните 20 години, населението во Естонија е намалено за 18%, но проблемот не е само од економска природа, тука е и наталитетот.
“Позитивните економски показатели и ниската невработеност не можат да го сокријат фактот дека куповната моќ на граѓаните е се помала. Веќе и оние што примаат просечна плата од околу 800 евра едвај врзуваат крај со крај. Состојбата со пензионерите, кои имаат просечна пензија од 320 евра е уште полоша”, стои во анализата.