Каква е супервизорската функција на Народна банка?

154

Оваа работилница, којашто е дел од серијалот е-работилници на Народната банка, е во функција на нашите постојани заложби за транспарентност и отчетност. Токму затоа, нашата централна банка, со уште пет други централни банки од светот, е вклучена во проектот на Меѓународниот монетарен фонд, којшто се однесува на усогласеноста со најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобри практики за транспарентност на централните банки – Кодексот за транспарентност на централни банки, донесен минатата година. Во изготвениот Стратегиски план на Народната банка за следниот тригодишен период, транспарентноста и отчетноста се издвоени како клучна стратегиска цел на нашата институција, што вклучува низа натамошни активности. Имајќи го предвид интересот на јавноста и на медиумите за супервизорската функција на нашата институција, денешнава работилница е посветена токму на оваа тема, а во натамошниот период ќе следат и други работилници.

Ова го истакна гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, во обраќањето со кое ја отвори Работилницата за супервизорската функција на Народната банка, којашто се одржа вчера во рамките на серијалот е-работилници за новинарите во организација на Народната банка.

На работилницата, директорот на Дирекцијата за супервизија и лиценцирање, Илија Андовски одржа интерактивна презентација за мандатот на Народната банка во однос на супервизијата на банките и штедилниците, при што се осврна на повеќе прашања – што е, а што не е задача на супервизијата, што опфаќа вонтеренската, а што теренската супервизија, како се одредува примерокот за анализа на кредитниот ризик, како се одвиваат контролите на супервизорските процеси, како се изрекуваат супервизорските мерки итн.

“Народната банка ја остварува супервизорската функција преку постојано вонтеренско следење на работењето на банките со прибирање и анализи на извештаите и податоците коишто ѝ ги доставуваат банките и со непосредна, теренска контрола во самата банка. Исто така, во процесот на супервизија се остваруваат контакти со членовите на органите на банката и се соработува и се разменуваат податоци и информации со други супервизорски органи“, истакна Андовски.

Тој се осврна и на прашањето што не е задача на супервизорите, при што меѓу другото, посочи дека тие не ги дефинираат деловните политики и критериумите за одобрување на кредитите – финансиските резултати перформанси, прифатливоста на обезбедувањето, големината на изложеноста, како и дека не ги носат одлуките за одобрување на кредитите, туку дека согласно со закон, тоа е задача на кредитните одбори, управниот одбор или надзорниот одбор на деловната банка.

Објаснувајќи ги процесите на вонтеренската и теренската супервизија, тој се задржа и на појаснување на значењето на примерокот за кредитен ризик, имајќи предвид дека во голем дел теренската супервизија почива токму на него.

“Согласно со меѓународните најдобри практики и стандарди, примерокот го отсликува работењето на банката. Ако банката најмногу кредитира правни лица, тогаш поголем дел од примерокот ги опфаќа правните лица, а доколку кредитира физички лица, примерокот опфаќа повеќе производи коишто банката ги креирала за сегментот население“, истакна Андовски.

Детално елаборирајќи ги супервизорските мерки, директорот на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање посочи и дека согласно со закон, обврска за постапување по мерките имаат надзорниот одбор и управниот одбор на банката.

Во разговорот што следеше по презентацијата, во кој новинарите-учесници поставија дополнителни прашања, учествуваше и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, а на работилницата учествуваше и директорот на Дирекцијата за теренска супервизија, Ернест Вејсели.

Во завршницата на работилницата, директорката Глигорова најави дека во следниот период на интернет-страницата на Народната банка, како и преку официјалните канали на социјалните мрежи, наскоро ќе се започне и со објавување едукативни материјали за супервизијата, за кои тимот на Народната банка ќе се потруди да бидат разбирливи за сите граѓани.

Фото: Pexels