Една од основните информации коишто треба да ги содржи договорот за купопродажба е токму начинот на испорака и рокот во кој ќе биде испорачан производот. Без оглед дали производот се купува директно од продавница, онлајн, преку презентација и сл., продавачот е должен да обезбеди целосни информации за испорака и да го извести писмено/на мејл купувачот за рокот и начинот на испорака на производот. Согласно со Законот за заштита на потрошувачите, производ или услуга мора да бидат испорачани во рок од 30 дена од денот кога е порачан производот или склучен договорот, освен доколку со договор двете страни не се согласиле на подолг временски период на испорака, стои во магазинот за потрошувачи на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Законскиот рок од 30 дена не се применува во случај кога трговецот одбива да ги испорача стоките или кога понудата во рамките на договорениот рок на испорака е од суштинско значење, имајќи ги предвид сите околности при склучувањето на договорот, или кога потрошувачот го известил трговецот пред склучувањето на договорот, дека е од суштинско значење испораката да биде направена на одреден датум или најдоцна до одреден датум.
Во тие случаи, ако трговецот не ги испорача стоките во рокот договорен со потрошувачот или во рамките на законскиот рок од 30 дена, потрошувачот има право веднаш да го раскине договорот. Кога трговецот не ја исполнува обврската да ги достави стоките во рокот договорен со потрошувачот, или во законскиот рок од 30 дена, потрошувачот може да бара од него испораката да биде извршена во рок од 15 дена, во согласност со околностите.
Ако трговецот не ги испорача стоките во рок од 15 дена, потрошувачот има право да го раскине договорот Доколку не е изречно наведено во договорот дека има подолг временски период за испорака, после 30-тиот ден, со секој ден доцнење на испораката се пресметува камата на средствата кои се дадени, како просек од последниот интервал на просечните банкарски стапки по видување објавен од Народната банка на РС Македонија, сметано од денот на приемот на авансот до денот на испораката на производот или извршената услуга, со што потрошувачот има право да бара поврат на средствата со камата и откажување на испораката на производот или услугата.
Кога станува збор за договори склучени на далечина (интернет-купување), продавачот има обврска да обезбеди целосни информации за испораката на производите. Продавачот е должен на веб-страницата на јасен и читлив начин, најдоцна до почетокот на процесот на нарачување, да наведе дали се применуваат ограничувања во однос на испораката. Доколку продавачот на веб-страницата за тргување нема наведено рок на испорака или тој не е договорен писмено помеѓу страните, должен е производот да го испорача во рок од 30 дена од денот на нарачката. При склучување на овие онлајн договори, потрошувачите, пред да ја направат нарачката, треба да проверaт дали и на кој начин ќе им го достават производот и дали можат да организираат точно време на достава, бидејќи најчесто, во пракса, трговците преку интернет ја толкуваат испораката на поинаков начин, и веројатно спротивно на она што го очекуваат повеќето потрошувачи. Покрај тоа, не – кои трговци одделно обезбедуваат платени услуги за внесување на производите во домот. Како и кај договори склучени на далечина, така и при склучување на договори надвор од деловните простории (преку презентација), трговецот е должен писмено или преку траен носач да го извести потрошувачот за датумот до кој трговецот се обврзува да ги испорача стоките или да ги изврши услугите и за начинот на испорака на производите, а во спротивно, рокот на испорака ќе биде максимум до 30 дена од денот на нарачка на производот.
При испорака на производот, без оглед дали производот е купен физички во продавница, онлајн преку интернет, презентација и сл., продавачот е должен на купувачот да му дос тави читлива фискална сметка или сметкопотврда, а доколку се доставуваат технички сложени производи, покрај фискална сметка или сметкопотврда, должен е да достави и технички упатства, упатства за склопување, упатства за користење, гарантен лист и друга документација.
При достава на производот, потрошувачот треба веднаш да го прегледа испорачаниот производот, со цел да утврди дали производот е ист како нарачаниот, дали е оштетен или има некакви недостатоци. Доколку утврди дека има некаков проблем со пратката, односно производот е оштетен, во тој случај не треба да се прифаќа и треба веднаш да се врати на доставувачот. Претходно, потрошувачите треба да го фотографираат производот, а за оштетениот производ писмено да го известат продавачот и да ги наведат причините за одбивање на пратката, со достава на фотографии од пратката и производот.
Фото: Freepik











