Во однос на идната поставеност на монетарната политика, ќе продолжиме да ги следиме состојбите во надворешното окружување, а особено во ЕУ, како и домашните услови и нивното влијание врз девизните резерви и инфлацијата. Во услови на монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот, токму инфлацијата и нивото на девизните резерви се двата клучни фактора од кои зависи просторот за спроведување олабавена монетарна политика. Повисоко ниво на девизни резерви, а поумерена инфлација, значи и поголем простор за продолжено спроведување лабава монетарна политика. Најновите податоци укажуваат дека девизните резерви се одржуваат на високо ниво ‒ тие надминуваат четири милијарди евра, што е повеќе од двојно во споредба со глобалната економска криза. Инфлацијата умерено забрза под влијание на глобални фактори, но сепак тоа не се промени коишто ги создава побарувачката и засега не се очекуваат потрајни инфлациски притисоци.
Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Третата меѓународна научно-стручна конференција со наслов Економски и социјални импликации од КОВИД-19, предизвици и предлози за надминување, чиј домаќин е Економскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.
“Исто така, од големо значење се и политиката и сигналите на ЕЦБ, од аспект на просторот за натамошно спроведување стимулативна монетарна политика и кај нас. На последниот состанок во јуни ЕЦБ одлучи да продолжи со олабавена монетарна политика, ја задржа каматната стапка во негативна зона и донесе одлука да продолжи со вбризгување ликвидност во системот, и тоа поинтензивно во втората половина од годината, при очекувања за забрзување на инфлација оваа година, но и намалување наредната година“, напомена гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во своето излагање, таа се осврна на досегашната реакција на централните банки од започнувањето на КОВИД-кризата наваму, при што нагласи дека во конкретните услови на почетокот на кризата, централните банки немаа друг избор освен силна реакција со цел стабилизирање на движењата на финансиските пазари. Одделно се осврна на реакцијата на нашата централна банка, презентирајќи ги мерките преку кои се реагираше и кои ефекти се постигнаа од реакцијата на Народната банка.
Фoто: Pexels