Ирска одби да ја потпише изјавата за воведување глобален минимален данок од 15% за да се избегнат даночни oaзи за мултинационалните компании, што доби поддршка од 130 од вкупно 139 земји што преговараат на таа тема.
Изјавата зад која стојат 130 земји, ја објави Организацијата за економска соработка и развој, со седиште во Париз, а предвидува глобален минимален данок од 15% и поголемо оданочување на најголемите мултинационални компании во земјата во којашто се остварува профитот.
Ирскиот министер за финансии, Пашал Доное, кој преговара во име на Даблин, рекол дека Ирска начелно го поддржува договорот и дека ќе продолжи да преговара.
“Не бев денеска во позиција да се приклучам кон консензусот за договорот и специфичната стапка на глобален данок од најмалку 15%. Изразив резерва за Ирска, но останувам посветен на тој процес во настојување да се најде решение што мојата земја може да го поддржи“, рекол ирскиот министер.
Со даночна стапка од 12,5% за компаниите, Ирска успеа да привлече некои од најголемите мултинационални компании и може да изгуби повеќе од мнозинството земји, доколку го усвои овој предлог. Еден од осум ирски работници е вработен во некоја од мултинационалните компании.
Фото: Pexels