Volkswagen и BMW казнети со 875 милиони евра поради картелско здружување

139

Европската комисија ги казни германските производители на автомобили Volkswagen и BMW со вкупно 875 милиони евра, поради здружување во картел за да спречат конкуренција во технологија за прочистување на издувните гасови од дизел моторите.

Во картелот биле пет производители на автомобили: Daimler (што произведува Mercedes автомобили),  BMW, Volkswagen, Audi и Porsche, коишто се дел од групацијата на Volkswagen.

Daimler го открил постоењето на картелот и во целост е ослободено од казна, додека Volkswagen ќе треба да плати 502, а BMW 373 милиони евра.

Петте производители располагаат со технологија позната како систем на селективна катализаторска редукција (SRC), којашто ги прочистува издувните гасови така што во системот додава AdBlue, којашто гасовите ги трансформира во безопасни материи. Проблемот е во тоа што производителите со меѓусебен договор ја намалувале емисијата на штетни гасови за да ги задоволат минималните законски норми, иако имале технологија што овозможува значително пониска емисија на штетни гасови.

Ова е првпат Комисијата да казнува картелско здружување базирано на технологија,а не на утврдување на цена или на поделба на пазарот.

Фото: Pexels