Отпуштен режисерот на свеченото отворање поради шега од 1998-ма година

59

На само 24 часа пред свеченото отворање на Олимписките игри во Токио, организаторите го отпуштија режисерот на церемонијата за отворање, Кентар Кобајаши, поради шега околу холокаустот што ја кажал во текот на еден настан од 1998-ма година.

Кобајаши е четврто лице од Организациониот одбор што доби отказ или поднеле оставка поради непримерно однесување. Тој доби отказ откако е откриено дека во 1998-ма година при настап во хумористична емисија рекол “одиме да си играме холокауст“.

“Откривме дека Кобајаши во својот настап користел фраза со којашто исмејува историска трагедија. Длабоко се извинуваме што е предизвикан таков развој на настани пред церемонијата на отворањето и тоа што предизвикавме проблеми и загриженост на луѓето во Токио и останатите земји“, рекла Сеико Хашимото, претседателка на Организациониот одбор.

Шефот на Олимписките игри во Токио, Јоширо Мора поднесе оставка поради сексистички коментари. Исто така, оставка поднесе и креативниот директор на церемонијата на отворање и затворање, Хироши Сасаки поради навредливи забелешки за еден јапонски актер, а пред неколку дена јапонскиот композитор, Кеиго Ојамада, кој ја правел музиката за отворањето, поднел оставка по обвинение дека во детство малтретирал соученици, дури и оние со инвалидитет.

Церемонијата на отворање на Летната олимпијада ќе биде утре попладне по средноевропско време без публика и ограничен број на претставници и медиуми.

Фото: Pexels