Coca – Cola има 10,13 милијарди долари приходи за три месеци

51

Американскиот прехранбен гигант, Coca – Cola бележи силен раст на приходите и добивката во второто тримесечје од оваа година, благодарение на зголемената побарувачка, но и ублажените рестриктивни мерки и вакцинацијата.

Приходите на Coca – Cola во Северна Америка, што е нејзин најголем пазар, пораснаа во второто тримесечје за 28%, најмногу поради отворање на кината, рестораните и стадионите.

Повторното отворање на економиите во Европа, Азија и Латинска Америка, исто така, го поттикна скокот на вкупните приходи на компанијата во второто тримесечје за 41,1% на 10,13 милијарди долари.

Добивката по акција се зголеми 48% на 61 цент.

Конкурентот PepsiCo, којшто има помала зависност од продажба во ресторани и барови, минатата недела прикажа 20,5% раст на приходите во второто тримесечје.

Oд Coca – Cola предупредуваат дека обемот на продажба им се намалува во земјите коишто повторно регистрираат раст на бројот на заразени.

Компанијата не забележа голем удар во директната продажба откако португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо отстрани две шишиња од масата на конференција за медиуми на европското првенство.

“На тие партнерства мора да гледате долгорочно. Секогаш ќе се случи нешто што не посакувате. Ние тоа го прифаќаме и се носиме со таквите настани. Тоа не влијаеше на нашата подготвеност да дадеме поддршка на такви големи натпревари“, изјави Џон Марфи, главен финансиски директор на Coca – Cola, којашто беше спонзор на европското првенство во фудбал.

Фото: Pexels