Q4 e-Tron игра важна улога во трансформацијата на Audi како целосно електричен бренд, а за таа цел германската компанија одлучи да ја прошири поставата.
Германската компанија Audi има за цел да стане целосно електричен производител, а на патот кон таа цел вложува сериозни ресурси во своите постоечки модели на електрични возила. Еден од клучните играчи во палетата на Audi е моделот Q4 e-Tron кој сега добива две нови верзии во поставата, кои се одликуваат со погон на сите четири тркала и нешто поголем опсег на движење.
Првиот модел е Q4 Sportback 40 e-Tron кој ќе го има најголемиот опсег од сите останати верзии на Q4 e-Tron и ќе нуди 534 километри автономија според WLTP циклусот. Оваа верзија не само што го има најголемиот опсег во целата постава на електричниот SUV, туку Q4 Sportback 40 e-Trоn е и електричен модел со најголема автономија на движење во целата палета на ЕВ на Audi. За напојувањето е задолжен единечен електромотор кој е монтиран на задната оска и испорачува 204 КС моќност.
Вториот модел, Q4 45 e-Tron Quattro, пак, користи по еден електромотор на двете оски. Заедно, двата електрични мотори испорачуваат вкупно 265 КС моќност, што е доволно за компактниот електричен SUV да забрза од нула до „стотка“ за 6,9 секунди и да достигне електронски ограничена максимална брзина од 180 километри на час.
Инаку, Q4 e-Tron е најмалиот ЕВ на Audi и е базиран на MEB платформата, која Volkswagen групацијата ја користи и за Seat, Škoda и VW возилата. Сепак, Q4 пристигнува со препознатливото премиум чувство кое го нуди Audi, со опционален 11,6-инчен инфозабавен систем и 10,25-инчен дигитален инструмент кластер.
Моделот се произведува во Цвикау во погонот кој користи исклучиво обновлива енергија, а сето тоа како последица на напорите на Audi и Volkswagen со цел што е можно пониско ниво на емисии за време на склопувањето на Q4 e-Tron.
Цената на Q4 Sportback 40 е-Tron започнува од 49.500 евра, додека за Q4 45 e-Тron Quattro изнесува 50.900 евра.
Преземено од Avtoplus.mk