Скапите вакцини поскапуваат – цената се зголеми бидејќи постојат докази за нивната ефикасност

206

Наместо да паѓаат, цените на вакцините растат иако производителите го зголемија капацитетот и го диверзифицираа производството. Ова првенствено се однесува на Pfizer и Moderna.

Компанијата Moderna во четвртокот објави дека нејзината вакцина против Ковид-19, шест месеци по втората доза, е околу 93% ефикасна. Инаку на почетокот клиничките испитувања покажаа ефикасност од 94%, пишува Дојче Веле.

Податоците по шест месеци исто така покажуваат дека вакцината на Moderna сѐ уште обезбедува заштита од тешки форми на болеста во 98 % од случаите, а исто така била 100 % ефикасна во спречувањето смртни случаи.

Сепак, Moderna проценува дека пред зимската сезона, ќе биде неопходна трета т.н бустер  доза бидејќи се очекува дека количеството антитела кај вакцинираните сепак ќе се намали.

Податоците на Moderna се малку подобри од податоците за вакцината на компаниите BioNTech и Pfizer објавени една недела порано. Ефикасноста на нивната вакцина се намалува речиси 6% на секои два месеца, а по половина година од втората доза, беше околу 84%.

Дозите на двата вида вакцини се слични, но не се идентични. На Moderna содржат 100 микрограми вакцина, а на Pfizer 30 микрограми.

“Нашата вакцина проти Ковид-19 покажува трајна ефикасност од 93 % по шест месеци, но забележуваме дека делта-сојот е нова и значајна закана и мора да бидеме внимателни“, рече претставник на Moderna.

Компанијата наведува дека во новите испитувања тројца кандидати за третата доза предизвикале силна реакција на антитела на неколку варијанти на вирусот, вклучувајќи ги и типовите гама, бета и делта.

За трета доза се залагаат и во Pfizer и имаат намера да побараат одобрување за тоа на крајот на овој месец. Некои земји, како што се Израел и Германија, почнаа или планираат да почнат да даваат трети дози на стари лица или на особено ранливи.

Нови договори – повисоки цени

Во исто време, како што пренесува Фајненшел тајмс, Европската унија во мај потпиша нов договор со Pfizer, според кој ќе плаќа 19,5 евра по доза за една милијарда и 800 милиони вакцини. За првите 600 милиони, ЕУ плати 15,5 евра по доза. Вакцината на Моderna поскапе и за Европската унија – од 19 евра за првите 160 милиони дози, до 21,5 евра, за следниот контингент од 300 милиони дози. Соединетите држави купија дополнителни 200 милиони вакцини од Pfizer на 23 јули по цена од 24 долари по доза (20,1 евра), соопшти компанијата. За првиот контингент од 300 милиони дози, Американците платија 19,5 долари по доза.

Од Pfizer објаснуваат дека цената за САД е повисока поради инвестициите во производство, транспорт, но и пакување.

Фото: Facebook