Кубанците бараат спас во криптовалутите

59

Кубанската влада официјално ќе ги признае криптовалутите како средство за плаќање во земјата. Во одлуката се наведува дека Централната банка на Куба сега може да одобри употреба на криптовалути „поради социо-економски интереси“, пренесе „Russia Today“.

Кубанската централна банка ќе воведе сет правила за употреба на дигитални валути во земјата, како и контрола врз лиценцирањето на давателите на услуги за обезбедување услуги со криптовалути. Одлуката предупредува дека бизнисот со криптовалути не смее да се користи за нелегални финансиски активности.

Криптовалутите станаа се попопуларни меѓу Кубанците во последните месеци, што го отежнува користењето на американскиот долар поради построгото ембарго под поранешниот американски претседател Доналд Трамп. На пример, поради ембаргото, Кубанците немаат пристап до производите на компаниите за картички Visa или Mastercard.

Исто така, Western Union, една од водечките светски компании за трансфер на пари, ги прекина трансакциите во долари за Куба во ноември минатата година.

Претходно оваа година, Ел Салвадор стана првата земја во светот што официјално прифати криптовалути како национално средство за плаќање. Конгресот на таа земја усвои закон во јуни, со кој се прифаќа биткоинот како легално средство за плаќање, а законот ќе стапи на сила во септември.