Силната желба и добрата мотивација се почеток на успехот

photo
Никола Петковски сопственик и менаџер на пекара Мафини

За овој чекор пред се беше неопходно да имам добра мотивација и желба за напредок што веќе го поседував, како и огромна поддршка од моето семејство.

БИ: Пекара Мафини….Од каде идејата за отварање на пекара и од каде името Мафини?

Пекарството е еден од основните и најстари занаети и како такво постои од секогаш, а со оглед на тоа што е тип на занает што секогаш наоѓа место меѓу потрошувачите, се одлучив да започнам да работам во оваа област. Пекара Мафини, која се наоѓа во населба Ченто, официјално започна со својата работа пред  18 месеци и можам да кажам дека сум сосема задоволен како напредува работењето.

Пред да се одлучам на овој чекор бев во САД и таму видов како  функционира продажбата, па поучен од тоа искуство донесов одлука тука да зпочнам свој бизнис во оваа област. За овој чекор пред се беше неопходно да имам добра мотивација и желба за напредок што веќе го поседував, како и огромна поддршка од моето семејство.

Всушност и самото име на пекарата потекнува од едни вкусни колачи од САД, чие име е мафини, а кои веќе и кај нас се прилично актуелни кај потрошувачите. Водејќи се од мислата дека се што ќе се произведува во Мафини, ќе биде вкусно како и самите ‘мафини‘ колачи се одлучив токму тоа име да го носи брендот на пекарата.

photo (7)

БИ: Имате широк асортиман на пекарски производи. Што се произведува Мафини?

Во Мафини се произведуваат секаков вид на лиснати производи, бели пецива, пици, пастрмајлии, чоколадни кроасани, бурек, пити , од кои најпобарувани се сусамките, пица бурекот,  чоколадните кроасани, ладните сендвичи, меѓутоа има голема побарувачка и за останатите производи. Воедно  работиме со нарачки секојдневно. Соработката со вработените ангажирани за продажба и пекарите е на високо ниво, што придонесува за успешна работа и задоволување на желбите и потребите на потрошувчите.  Односот претпоставен-вработен во Мафини, е поставен на база на искреност, доверба и пријателски однос, што според мене е основа за успешна работа и мотивираност на вработените за активно извршување на работните обврски. Јас како претпоставен сум задоволен од постигнатото и вработените, ги вреднувам и соодветно наградувам.

БИ: Со оглед на тоа дека бројот на пекари не е мал и конкуренција постои, како Мафини се справува со сето тоа? Со што придонесувате купувачите да ве одберат вас и дали соработувате со други пекари?

photo (8) (1)Конкуренција има многу во моментов, а верувам ќе има и во иднина, тоа е сосема нормално. Меѓутоа тоа не ми претставува никаков проблем. Баш напротив, за мене претставува мотив за напредување во она што го работам и да се изборам за свое место на пазарот на потрошувачка. Го одржувам квалитетот на производите во континуитет, а и цените на производите се повеќе од  достапни и погодни за потрошувачите. Со оглед на тоа што сме малку време на пазарот и сеуште стекнуваме нови искуства, секојдневно вложувам напор да ја победам конкуренцијата и да ги раширам границите на успехот.

Во однос на соработка со други пекари, можам да кажам дека соработувам со Жито Лукс, од каде што правам набавка на леб, бидејќи сеуште создавам услови за самостојно производство на леб, при што морам да напоменам дека сум презадоволен од соработката и изразувам јавно задоволство за истата.

БИ: Секоја работа носи свој предизвик. Како се справувате со незадоволни клиенти, има ли воопшто такви?

photo (5)Се трудиме да ги задоволиме желбите на купувачите и да им понудиме различни вкусови и облици на бели пецива. Не можам да кажам дека сме имале некој значителен проблем во однос на незадоволен клиент. Се случува купувачите кога пазаруваат да си ги кажат желбите или да побараат некој производ кој можеби го сретнале на друго место, а ние сме тука за нив, секогаш им излегуваме во пресрет и се обидуваме производството да го прилагодиме на  нивните побарувања и секогаш да имаме она што е најбитно – тазе производи.

БИ: Вкусните производи најчесто се доволна реклама. Дали пекара Мафини се рекламира и на некој друг начин?

Имаме фејсбук група преку која клиентите можат да се информираат детално за видот на производи, за локацијата на пекарата како и да најдат контакт телефони преку кои би дошле во контакт со мене за подетални информации, нарачки и слично.

photo (3)

БИ: Планови за иднина, нови производи или можеби нова пекара на нова локација?

Нормално, имам многу планови за во иднина. Планирам набрзо да започнам да произведувам сопствен леб, односно да ги зголемам капацитетите на производство. Континуирано додавам нови производи со цел да се разликуваме од конкуренцијата и на тој начин да привлечеме уште повеќе клиенти. Клиентите се всушност вистинската реклама за пекара Мафини, а нивното задоволоство е и мое истовремено.

Исто така имам планови да отворам пекара и на друга локација во друга населба, како и да воведам лична достава на домашна адреса на потрошувачите.

А може и да го проширам бизнисот во друга бранша, зошто да не.