Дури и пред доаѓањето на студените зимски месеци, Европа се соочува со оскудни резерви на природен гас и зголемени цени на енергијата, со загриженост дека растот може дополнително да ја зголеми инфлацијата, да нанесе дополнителни трошоци за домаќинствата и да го загрози економското закрепнување, пишуваат светските медиуми.
Цените на големо за гас и електрична енергија се зголемуваат низ Европа, со можност за дополнително зголемување на веќе големите сметки за комунални услуги и зголемување на неволјите за луѓето погодени од пандемијата Ковид-19, според Асошиејтед прес.
Владите се обидуваат да најдат начини да ги ограничат трошоците за потрошувачите, додека оскудните резерви на природен гас носат друг потенцијален проблем, изложувајќи ја Европа на нови скокови на цените и евентуален недостаток на гас, ако зимата е студена.
Во Обединетото Кралство, многумина ќе добијат повисоки сметки за гас и електрична енергија следниот месец, откако националниот регулатор за енергија одобри зголемување на цената од 12 проценти за домаќинствата без договор за фиксна рата, додека официјалните претставници во Италија предупредија дека цените ќе се зголемат за 40 проценти во кварталот, кој стигнува за наплата во октомври.
Во Германија, малопродажните цени на електричната енергија веќе се зголемија за 5,7 проценти од минатата година, што е 1.064 евра годишно за типично домаќинство, посочува АП, додавајќи дека цените може да бидат уште повисоки, бидејќи може да поминат месеци за цените на големо да се рефлектираат во редовни месечни сметки.
Дури и ако најлошото сценарио со суровата зима не се оствари, драстичното зголемување на потрошувачката на енергија ќе им се закани на најсиромашните домаќинства, проценува АП, истакнувајќи дека енергетската сиромаштија, или процентот на луѓе кои велат дека не можат да си дозволат да ги сочуваат своите домови доволно топли, е 30 во Бугарија, Грција 18 и Италија 11%.
Енергетските аналитичари велат дека постојат неколку причини за зголемување на цените, вклучително и ограничено снабдување со природен гас што се користи за производство на електрична енергија, повисоки трошоци за кредити за јаглерод во борбата на Европа против климатските промени и во некои случаи помала понуда од ветерници.
Зголемувањето на цените на природниот гас ја зголеми загриженоста за можен недостаток во зимските месеци и прогноза дека горивото би можело да биде најскапото по повеќе од една деценија, пишува Волстрит Журнал.
Гасот се користи за производство на електрична енергија и за загревање на домовите, како и за производство на пластика, челик и ѓубрива, поради што, според американското издание, значително и трајно зголемување на цените се рефлектира на повисоките трошоци – од домаќинствата до тешката индустрија.
Снабдувањето со гас во САД е исцрпено од серија настани поврзани со времето. Ниските температури во Тексас во февруари ја зголемија побарувачката, бидејќи мразот ги покри бунарите. Јуни и јули беа најтоплите во историјата, а сушата во западниот дел на САД го намали производството на хидроенергија, што значеше дека е потребен повеќе гас за напојување на климатизерите од вообичаеното. На крајот на минатиот месец, ураганот Ида го затвори речиси целото производство на гас од Мексиканскиот Залив.
Слични фактори се во игра во Европа, каде што цените беа на рекордно ниво во текот на летото, додека во Азија клиентите плаќаат повеќе од кога било за испорака на течен природен гас (ЛНГ) преку Пацификот, наместо низ Европа.
До тој степен, посочува Волстрит Журнал, постои особено изразен дефицит во снабдувањето со гас во Европа, со тенки резерви поради топлото време, слабото производство на енергија од ветер и помал увоз од Русија.
Иако на прв поглед Европа има диверзифицирано производство на електрична енергија, со здрави количини на гас, јаглен, хидро и нуклеарни капацитети, како и значителен удел на енергија од обновливи извори, како што се ветер и соларна енергија, гасот сепак игра клучна улога во некои од најголемите европски пазари, укажува Блумберг, додавајќи дека Европа има енергетски проблем што може да се влоши со доаѓањето на зимата.
Проблемот е што во моментов нема изобилство на гас во Европа – резервите на природен гас се на 75 проценти од нивото во минатата година, што е најниско од 2013 година, подвлекува американскиот медум и посочува дека тоа ги зголемува цените и ја зголемува загриженоста за недостаток и прекин на електричната енергија во наредните месеци.
Зад тенките резерви се крие несреќна комбинација на фактори. Прво, минатата зима беше долга со студено време до април, што го оневозможи почетокот на надополнување на резервите. Второ, побарувачката за гас расте додека економиите закрепнуваат од пандемичната криза. Потребен е повеќе гас за производство на енергија, додека враќањето во канцелариите и повторно отворање на секторот за забава ја зголемуваат побарувачката за електрична енергија.
Трето, тука е и проблемот со обновливите извори на енергија, бидејќи помалите брзини на ветерот го намалуваат количеството електрична енергија од турбините. Исто така, производството на природен гас се намалува долго време во земјите кои се најголеми производители – Норвешка, Велика Британија и Холандија. Во овие две последни земји, производството падна за 75 и 65 проценти во споредба со рекордите пред 20 години.
Увозот не успеа да ги надомести тие намалувања. Европа доби повеќе од половина од својот гас од Русија, но договорите со руската државна компанија „Газпром“ се дизајнирани да ги задоволат нормалните потреби, а не да ги обноват исцрпените резерви. Русија, исто така, не брза да достави дополнителен гас за Европа по традиционални копнени патишта преку Белорусија, Полска и Украина, но бара завршување на гасоводот „Северен тек 2“, кој ги заобиколува транзитните земји. Иако изградбата на гасоводот е при крај, неговиот почеток на работа зависи од тоа колку брзо Европската унија ќе го сертифицира својот оператор како независен дистрибутер, но сигурно е дека гасот нема да започне како што беше планирано на 1 октомври.
Економистите предупредуваат дека зголемувањето на цените на енергијата ќе ја зголеми инфлацијата низ Европа, ќе им наштети на потрошувачите и ќе го загрози економското закрепнување по пандемијата, според Фајненшл тајмс.
Европските референтни цени на бензинот веќе се зголемија трипати оваа година, дури и пред почетокот на најголемата зимска побарувачка, со предвидувања дека високите цени на енергијата може да траат до 2022 година.
Индексот на потрошувачките цени во еврозоната за енергија веќе се искачи на највисоко ниво од 1996 година, кога почна да се води евиденција. Нејзиното зголемување од 15,4 проценти во август, најголемиот скок од глобалната финансиска криза, ја доведе севкупната инфлација во еврозоната на рекордно ниво во изминативе десет години од три проценти, што е многу над целта од 2 проценти на Европската централна банка (ЕЦБ).
Иако претставници и економисти на ЕЦБ велат дека очекуваат привремено зголемување на инфлацијата, поодржливиот пораст на цените на енергијата може да ги наруши прогнозите за инфлација, додека повисоките сметки за енергија ќе ги погодат буџетите на домаќинствата и довербата на потрошувачите, загрозувајќи го економското заздравување.