Шпанска авиокомпанија отпушта третина од своите работници

27

Шпанската авиокомпанија Иберија објави привремени отпуштања помеѓу 4.000 и 5.000 работници од вкупно 15.200 лица, поради промени во организацијата на компанијата и намалена побарувачка за летови поради рестриктивните мерки предизвикани од коронавирусот.

Шпанската авиокомпанија издаде соопштение во кое се наведува дека испратиле барање до синдикатите за отворање преговори во врска со привременото отпуштање на речиси една третина од работниците.

Тоа го стори откако владата и синдикатите не успеаја да се договорат за продолжување на вонредните државни мерки воведени во март 2020 година поради коронавирус.

Шпанските компании можат привремено да ги откажат договорите на работниците за време на пандемија. Работниците за време на тој привремен отказ (ЕРТЕ) добиваат 70 проценти од својата плата во првите шест месеци, а потоа добиваат 50 проценти благодарение на владината поддршка.

Мерката истекува за девет дена, на 30 септември, а синдикатите се обидуваат да ја продолжат до 31 јануари.

Со оглед на неизвесноста на преговорите што треба да продолжат оваа недела, а исто така и поради бавното закрепнување на авиосообраќајот, Иберија сака директно да се договори со синдикатите за условите за привремено отпуштање работници. Тврдaт дека ова е неопходно со цел да се прилагоди бројот на вработени на тековните потреби.

Иберија изјави дека превезува меѓу 30 и 35 проценти помалку патници отколку во 2019 година поради ограничувањата за пристигнување на туристи од САД, Латинска Америка, Јапонија и Кина и карантините воведени во некои земји, што значи помалку патници на овие линии.