По долгата тизер кампања, Lamborghini го врати во живот оригиналниот Countach LP 500 од 1971 година кој ја смени историјата на компанијата
Откако месец и половина ја претстави модерната изведба на Countach, базирана на Aventador и Sian FKP37, Lamborghini се нафати на уште поголем предизвик, а тоа е да го реконструира оригиналниот Countach LP 500. Станува збор за LP 500 прототипот кој дебитираше во март 1971 година на Салонот во Женева пред да биде уништен во тест судир три години подоцна. Со цел да ја прослави 50-годишнината на легендарниот суперавтомобил кој ја промени историјата на компанијата, луѓето во Сант’Агата Болоњезе по креирањето на модерниот еквивалент LPI 800-4 ја претставија и официјалната реконструкција на првиот Countach прототип.
На Polo Storico одделот за реставрација на Automobili Lamborghini му беа потребни повеќе од 25.000 часа за да го комплетира овој проект „по барање на важен колекционер“. Мистериозниот купувач го контактирал Lamborghini кон крајот на 2017 година со цел да праша дали е возможно да се „воскресне“ првиот Countach прототип. За да го оствари ова, користени биле оригинални резервни делови, заедно со користени компоненти, а некои делови морале да бидат целосно создадени и произведени од ново.
Максимално прецизна изработка
Оваа реконструкција користи реплика од Cinturato CN12 пневматици кои автомобилот прикажан во Женева ги имал пред половина век користејќи ги архивите на италијанскиот производител на пневматици со фотографии и материјали од прототипот. Пневматиците се со димензии 245/60R14 напред и 265/60R14 назад и доаѓаат од Pirelli Collezione опсегот, линија на пневматици за класични автомобили направени меѓу 1930 и 2000 година. Пневматиците се нови и користат модерна структура и соединение, но ја имаат истата шема која е користена во 70-тите години.
Кога станува збор за бојата, архивите на Lamborghini Polo Storico му овозможија на тимот да ја идентификува потполно истата нијанса користена во 1971 – Giallo Fly Speciale. За прецизно да се реплицира големината на каросеријата, било потребно да се направи 3D скенирање на LP 400 (шасија 001) и биле потребни 2.000 часа работа за да се финализираат безгрешните линии на Countach. LP 400 е ознаката користена за оригиналниот Countach продукциски автомобил, кој беше лансиран во 1974 година, три години по прикажувањето на прототипот.
Lamborghini не ја откри цената на автомобилот и целиот проект, но сигурно може да се каже дека колекционерот морал да плати многу повеќе во однос на модерната интерпретација на Countach која чини околу 2,3 милиони евра.