Американската асоцијација за напредна автоматизација (Association for Advancing Automation, A3) објави податоци за напредокот на роботиката и автоматизацијата на производствените процеси во Северна Америка. Овие податоци покажуваат дека трендот на воведување роботи во производните линии е на рекордно ниво, т.е. дека никогаш во историјата, во споредлив временски период. не се нарачани индустриски роботи како во првите девет месеци од годинава. Овие резултати сугерираат дека целата 2021 година ќе биде рекордна кога станува збор за автоматизација на различни производни процеси.
Рекордни нарачки на роботи
А3 известува дека од јануари до септември оваа година биле нарачани околу 29.000 индустриски роботи во САД и Канада, дури 37% повеќе отколку во истиот период минатата година. Во тој период во роботизација на бизнисот се инвестирани 1,48 милијарди долари, што го надминува претходниот рекорд поставен во 2017 година.
„Со недоволна понуда на пазарот на трудот во производствените сектори, логистиката и практично сите индустрии, компаниите од сите големини сè повеќе посегнуваат по роботи и автоматизација за да останат продуктивни и конкурентни“, велат од А3. Покрај недостигот на работна сила во голем број сектори, пандемијата покажа дека автоматизацијата е добра алтернатива за многу работни места на производните линии.
Иако компаниите не можат да најдат доволно работници, роботите им се достапни, па не е ни чудо што тие се повеќе и повеќе се продаваат. Најголем пораст на побарувачката на северноамериканскиот континент А3 е забележан во металната индустрија, а потоа во секторот автомобилски делови. Тука е и прехранбената, фармацевтската, електронската индустрија, како и автомобилската индустрија, која досега има нарачано 16% повеќе роботи оваа година отколку лани.
Ако се додадат производителите на автомобили и поврзаната индустрија за автоделови, нарачките на секторот пораснале за 20%, а тој е и најголемиот поединечен купувач на роботи во производство – на почетокот на годината тие нарачале дури 51% од сите индустриски роботи во Северна Америка.