Бренсон: Го градам најлуксузниот хотел на Медитеранот (ВИДЕО)

152

Милијардерот, бизнисмен и обожавател на Мајорка, Ричард Бренсон почна да гради раскошен хотел на овој шпански остров популарен меѓу туристите со длабок џеб.

Откако британскиот милијардер, сопственик на „Вирџин“, десет години имаше проблеми со властите на Мајорка, конечно почна изградбата на хотелот.

На местото на вилата „Сон Буњола“ во западниот дел на островот ќе никне луксузен хотел со 29 соби, а локалните медиуми јавуваат дека вилата веќе неколку дена е опкружена со скелиња и заштитна лента.

Бренсон од детството го посетува островот Мајорка и пред неколку години изјави дека сака таму да го изгради најдобриот хотел на светот.

Подоцна го смени описот во „најлуксузниот хотел на Медитеранот“.

Бренсон го купи имотот „Сон Буњола“ од 300 хектари во 1994 година, но го продаде во 2002 година бидејќи владата одби да му издаде градежни дозволи.

Но, богатиот претприемач не се откажал туку повторно го купил имотот во 2015 година за 15 милиони евра.

Последната дозвола потребна за градба, Владата ја одобрила дури на почетокот на летово.

Но, Бренсон мора да се придржува до строгите правила и не смее да го прошири хотелот надвор од дозволените димензии, а изградбата мора да биде прекината за време на сезоната на парење на птиците, помеѓу февруари и јуни.