Peugeot станува целосно електричен бренд до 2030

120

Извршниот директор на Peugeot, Линда Џексон, ги најави плановите за целосна ЕВ транзиција на францускиот бренд

Планот на Stellantis е секој нивни бренд да стане целосно електричен во блиска или нешто подалечна иднина. Peugeot e една од марките кои ќе ја предводат оваа транзиција кон мобилност со нулта емисии за четвртиот најголем производител на светот, а францускиот бренд сега ги најави своите планови да стане целосно електричен бренд до 2030 година. Тоа, на почетокот, ќе се однесува само за европскиот пазар.

Извршниот директор на Peugeot, Линда Џексон, го најави сето ова во интервјуто за Automotive News, исто така додавајќи дека за меѓународните пазари, француската компанија ќе продолжи да лансира нови модели со мотор на внатрешно согорување во текот на следната деценија. Секој нов модел на брендот кој ќе биде наменет за Европа, сепак, ќе биде целосно електричен од 2030 па натаму.

„Како што ќе се пренасочиме на новите платформи како STLA Small, Medium и Large, до 2030 година во Европа сите наши модели ќе бидат електрични. Но, јас се уште морам да се осигурам дека ќе ја задржиме понудата со мотори на внатрешно согорување за нашите интернационални купувачи“, изјави Линда Џексон.

Peugeot се приклучува на останатите брендови кои се под закрилата на Stellantis кои претходно ги најавија датумите за транзиција кон целосно електричните погони пред предлогот на Европската унија за воведување само на возила со нулта емисии во 2035 година. Тука се вклучени DS, Alfa Romeo и Opel кои ќе лансираат само целосно електрични возила од 2026, 2027 и 2028.

Следните чекори во стратегијата на Peugeot вклучуваат и ЕВ верзија на новиот 308 која треба да пристигне во 2023 година. Наскоро треба да пристигне и новата генерација на 3008 која исто така ќе добие електрична варијанта која ќе се произведува во Франција. Во моментов, брендот ги има 208 и 2008 достапни како електрични модели.

Преземено од Avtoplus.mk