Разрешен директорот на грчката Агенција за приватизација

23

Stelios-Stavridis-Грција вчера го разреши директорот на агенцијата за приватизација, откако еден весник објави дека патувал со приватен авион на бизнисмен кој само што купил државна фирма.

“Министерот за финансии Јанис Стурнарас побара оставка од претседателот на Агенцијата за приватизација Стелиос Ставридис,” соопшти Министерството за финансии во кратката изјава.

Официјален претставник на министерството за Ројтерс изјавил дека оставката на Ставридис стапила во сила веднаш.

Како што јавува Ројтерс, разрешувањето уследи по пишувањето на Прото тема во саботата дека Ставридис патувал со приватниот авион на бродосопственикот Димитрис Мелисанидис, голем акционер на грчко-чешки конзорциум кој во мај се согласи да купи 33% од акциите во државната лотарија OPAP.

Ставридис не бил достапен за коментар. Според весникот, тој признал дека го користел авионот на Мелисанидис за да отпатува на одмор во Франција.

Ставридис летал со авионот веднаш по потпишувањето на договорот во вредност од 652 милиони евра.

Програмата за приватизација на државните фирми во Грција е постојана главоболка за Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, кои дадоа 240 милијарди евра за спасување на Грција. Кредиторите минатиот месец изјавија дека ќе го разгледаат начинот на кој работи Агенцијата, откако стана јасно дека Агенцијата за приватизација нема да ја оствари својата цел до крајот на септември да обезбеди 1,8 милијарди евра.

Приватизацијата е клучен дел од грчките напори да го плати долгот и да се врати од работ на банкрот. Според планот за враќање на долгот потпишан со ЕУ и ММФ, Атина треба да собере 19 милијарди евра до крајот на 2015 година и околу 50 милијарди евра до 2020.

Стелиос Ставридис е втор шеф што ја напушта Агенцијата за приватизација за помалку од шест месеци.