Руска воена компанија ќе прави електрични возила (ВИДЕО)

Рускиот воен концерн „Алмаз Антеј“ ги објави првите фотографии од електричниот автомобил што ќе го лансира.

Концернот е познат по производството на противвоздушни ракетни системи С-300, С-400 и С-500.

Работното име на возилото е E_NEVA. Станува збор за кросовер долг 4,5 метри кој може да помине 463 километри со едно полнење.

Достигнува максимална брзина од 197 километри на час, а времето потребно за забрзување од нула до 60 километри на час е 2,7 секунди, пренесе „Спутник“.

Електричниот автомобил е опремен со мултимедијален систем со дигитална табла со инструменти, дисплеј „head up“ на шофершајбната и 15-инчен екран на допир.

Волуменот на багажникот е 610 литри.

Покрај верзијата со електромотор, „Алмаз Антеј“ ќе прави и хибридни верзии – со мотор на гас или водород.