МЗШВ: Да се интензивира откупот на пченицата

zemjodelie_g111_1Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира да се интензивира откупот на пченицата од страна на сите инволвирани во процесот.

Во соопштението се додава дека тоа е од особена важност во овој момент зашто значи заштита на интересите на индивидуалните земјоделски производители и на домашните компании од мелничко-пекарскиот сектор, како и стабилизирање на домашниот пазар со пченица и брашно.

Од министерството велат дека досега се откупени 120.000 тони или 82% од планираните количини кои ќе се движат во границите на откупот од претходните жетви.

МЗШВ информира дека остварува секојдневна комуникација со сите фактори вклучени во процесот на откуп, со сите форми на здружување на земјоделците производители на пченица и мелничко-пекарскиот сектор преку која дополнително се следи количината на откупената домашна пченица и состојбите од терен. Во овој процес непосредно е вклучен и Државниот инспекторат за земјоделство кој преку посебни тимови ги следи состојбите, условите и начинот на откупот, преку доставување теренски податоци на дневна основа.

“Во насока на објективно информирање на македонската јавност, а во контекст на информациите кои изминативе денови се пласираат од одредени медиуми, во врска со состојбите поврзани со откупот на домашната пченица од овогодишната реколта, информираме дека како надлежна институција будно ги следиме активностите поврзани со откупот и ги спроведуваме сите активности поврзани со процесот на  забрзување на динамиката на откуп”, наведува Министерството за земјоделство.