МОТ: Пандемијата го забавува глобалното закрепнување на работните места

70

Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја намали својата прогноза за закрепнување на пазарот на труд во 2022 година. Организацијата очекува дефицит во работни часови ширум светот, што е еквивалентно на 52 милиони работни места со полно работно време, во споредба со четвртиот квартал од 2019 година.

Претходната проценка за целата година предвидуваше дефицит од 26 милиони еквивалентни работни места со полно работно време.

Иако оваа најнова прогноза покажува подобрување во однос на 2021 година, работните часови оваа година ќе бидат 2% помалку од часовите одработени пред пандемијата, според Извештајот на МОТ за светската вработеност и социјални перспективи.

Глобалната невработеност се очекува да остане над нивоата пред КОВИД-19 барем до 2023 година, се вели во прогнозата. Бројот на невработени во 2022 година се очекува да достигне 207 милиони луѓе во споредба со 186 милиони во 2019 година.

Во извештајот на организацијата се предупредува дека севкупното влијание врз вработувањето е значително поголемо отколку што е претставено во овие бројки бидејќи многу луѓе ја напуштаат работната сила. Во 2022 година, глобалното учество на работната сила се предвидува да остане 1,2 процентни поени под она од 2019 година.

Намалувањето на прогнозата до одреден степен го одразува влијанието што најновите варијанти на КОВИД-19 го имаат врз работната сила и пазарите на труд, како и значајната неизвесност за идниот тек на пандемијата.

Во извештајот се предупредува дека има големи разлики во влијанието на кризата врз групи работници и земји. Овие разлики ги влошуваат нееднаквостите во и меѓу земјите и го ослабуваат економското, финансиското и социјалното ткиво на речиси секоја нација, без оглед на состојбата на нејзиниот развој. Закрепнувањето ќе потрае, со потенцијални долгорочни импликации за учеството на работната сила, приходите на домаќинствата и социјалната и – можеби – политичката кохезија.

„Не може да има вистинско закрепнување од оваа пандемија без сеопфатно закрепнување на пазарот на трудот. За да биде одржливо, ова закрепнување мора да се заснова на принципите на пристојна работа – вклучувајќи здравје и безбедност, правда, социјална заштита и социјален дијалог“, се вели во документот.

Ефектите се чувствуваат на пазарите на трудот во сите региони во светот, иако може да се забележат големи разлики во моделите за закрепнување. Европските и северноамериканските региони покажуваат најохрабрувачки знаци на закрепнување, додека Југоисточна Азија и Латинска Америка и Карибите се соочени со најлоши изгледи.

На национално ниво, закрепнувањето на пазарот на труд е најсилно во земјите со високи приходи, додека економиите со пониски средни приходи се справуваат најлошо.

Непропорционалното влијание на кризата врз вработувањето на жените се очекува да продолжи и во наредните години, се додава во документот. МОТ, исто така, предупредува дека затворањето на институциите за образование и обука „ќе има каскадни долгорочни последици“ за младите луѓе, особено оние без пристап до интернет.

„Две години по оваа криза, изгледите остануваат кревки, а патот до закрепнување е бавен и неизвесен“, рече Гај Рајдер, генерален директор на организацијата. „Веќе гледаме потенцијална трајна штета на пазарите на трудот, заедно со зголемената сиромаштија и нееднаквоста. Од многу работници се бара да се преселат на нови видови на работа, на пример како одговор на континуираниот пад на меѓународните патувања и туризам“, додаде тој.

Извештајот на МОТ покажува дека, како и во претходните кризи, привременото вработување создава тампон против шокот од пандемијата за некои. Многу привремени работни места се затворени, но се создадени алтернативи, вклучително и за работниците кои ги загубија своите постојани работни места.