Најавите дека Volkswagen групацијата ќе влезе во светот на Formula 1 постојат веќе една деценија, но во последните месеци истите стануваат многу поинтензивни.
Според најавите наCar Magazine, Audi треба да го откупи McLaren со што ќе навлезе во Formula 1, додека од друга страна, Porsche се подготвува за партнерство со F1 тимот на Red Bull со што ќе ја замени Honda како нивни снабдувач со мотор. Истиот извор напоменува дека едно од сценаријата е дека двата тима – Audi/McLaren и Porsche/Red Bull – ќе ги здружат своите сили во борбата против Ferrari и Mercedes. Други опции се здружување на Audi и Williams, односно Porsche и Alpha Tauri или Haas.
И Audi и Porsche од претходно имаат пројавено интерес за влез во Formula 1. Најголемиот фактор кој ги привлекува двата германски тима се насочувањето на F1 кон одржливите горива, додека поедноставувањето на моторните единици исто така е важен фактор за нивни влез во најбрзиот циркус на планетата.
Дека работата е сериозна, барем кога станува збор за Audi и McLaren, сведочи и потврдата на Зек Браун, извршниот директор на McLaren Racing, кој потврди дека компанијата е во преговори со Volkswagen групацијата.
„Слушам дека VW ќе направат нешто со Red Bull преку Porsche. Мислам дека разговарале со голем број на луѓе и како што можете да претпоставите имавме разговори, но краткорочно и среднорочно, ние сме многу среќни каде што сме во моментов“, изјави Браун за Reuters.
Конечната одлука на крајот од февруари
Иако потврди дека имале разговори, првиот човек на McLaren Racing изјави дека двете страни не постигнале договор се уште. Тој потврди дека Mercedes ќе остане снабдувач на McLaren до стапувањето на сила на новите погонски регулативи кои пристигнуваат во 2026. Тогаш, како што вели тој, ќе се направи евалуација на тоа до каде се и кој се е дел од овој спорт, по што ќе донесат одлука за тоа што ќе прават понатаму“.
Во секој случај, Audi и Porsche сакаат да влезат во Formula 1 почнувајќи од 2026. Сепак, конечната одлука дали двете компании ќе бидат дел од F1 ќе ја донесе надзорниот одбор на Volkswagen групацијата кон крајот на февруари, пренесува Frankfurter Allgemeine Zeitung. И покрај најавите за здружување на Audi и McLaren, односно Porsche и Red Bull, сепак McLaren има договор со Mercedes, а Red Bull ги откупи интелектуалните права на Honda. Сепак, двата договори се валидни до 2026 година, со што се остава отворен простор за VW групацијата.
Преземено од Avtoplus.mk