Хрватската влада најдоцна до 15 октомври ќе распише тендер за продажба на националниот авиопревозник Croatia Airlines. Можни се два модели – докапитализација или класична продажба на акции. Според зацртаниот распоред, новиот сопственик или косопственик на авиокомпанијата би можел да биде познат во февруари следната година.
Како што дознава Јутарњи лист, засега се можни два потенцијални купувачи на Croatia Airlines. Интерес покажале авиокомпаниите Garuda Indonesia и кинеската China Southern Airlines. Како трет потенцијален купувач се споменува Etihad од Обединетите Арапски Емирати, кој неодамна купи 49% од српски ЈАТ.
Според груби проценки, за 100% акции на компанијата би можело да се добијат околу 40 милиони евра. Според правилата на Европската комисија, фирмите надвор од Европската унија можат да купат најмногу 49% од компанијата.