Словенечката влада вчера усвои неколку мерки за ублажување на поскапувањето на енергијата, вклучително и еднократна помош од 150 евра за ранливите социјални групи.
Ќе го добијат граѓаните кои инаку добиваат социјална помош, околу 67.000 лица, изјави премиерот Јанез Јанша.
Право на додаток имаат и пензионерите чија пензија не надминува илјада евра, инвалидите и многудетните семејства.
За мерката ќе бидат издвоени над 100 милиони евра.
Владата ќе се обиде да ги намали акцизите за струја и енергија на „најниско можно ниво“, рече Јанша, но ДДВ нема да се промени.
Владата усвои и предлог-закон за ублажување на поскапувањето на енергенсите за економијата и земјоделството, со што ќе се доделат 70 милиони евра „асиметрична помош“ за компаниите најтешко погодени од енергетската криза.
Мерките ќе важат од 1 февруари до 30 април, а според Јанша би можеле да бидат продолжени доколку кризата не се смири.