ЕУ ќе се спротивстави на влијанието на Кина со план за глобални технолошки стандарди

ЕУ во среда ќе претстави поагресивен пристап за поставување глобални стандарди за врвни и зелени технологии во заеднички напори да се спротивстави на влијанието на Кина.

Маргрете Вестагер, шефица на конкуренцијата на блокот, изјави за Фајненшл тајмс дека новата стратегија е дизајнирана да осигури дека Европа ќе продолжи да поставува меѓународни критериуми кои го водат развојот на сè – од системи за препознавање лица до напредок во енергијата на батериите и следната генерација на еко-иновации.

„Ова е од стратешко значење“, рече Вестагер. „Навистина е важно кој ги поставува стандардите, бидејќи тие треба да му овозможат на пазарот да работи, но не и да ги попречуваат иновациите“, истакна таа.

Додаде дека ЕУ сака да го спроведе планот „што е можно поскоро“.

Стратегијата што се појавува е важна, бидејќи компаниите кои сакаат да влезат на внатрешниот пазар на ЕУ мора да се усогласат со строгите правила на регионот, честопати принудувајќи ги земјите ширум светот да го прифатат европскиот пристап за регулирање на производите и услугите.

Но, Кина покажа зголемен апетит да постави меѓународни стандарди за важни технологии, како што е лансирањето на 5G мобилните мрежи, по напредокот направен од технолошките гиганти како Huawei.

Официјалните претставници на ЕУ и САД се загрижени дека Кина успеала да лобира во клучните тела за технолошки стандарди, како што се Меѓународната унија за телекомуникации и Меѓународната електротехничка комисија, на начини кои би можеле да им дадат предност на кинеските компании.

Како дел од плановите на ЕУ, европските претставници ќе работат со американските власти на нов систем за следење на новите стандарди, метод за обединување на позицијата за технолошките стандарди. Тие, исто така, планираат да користат споделени ресурси за да се осигураат дека стартап компаниите се свесни за претстојните стандарди, додека се потпираат на експерти за да ги предвидат претстојните технолошки случувања.

САД и ЕУ редовно ќе се состануваат преку Советот за трговија и технологија, постоечка група на високи трансатлантски функционери, за да разработат детали за тоа како ќе функционира соработката.

За да го илустрира предизвикот, Вестагер ги наведе претходните напори на Кина да ги редефинира основните стандарди за Интернет, што ќе им даде на државните даватели на интернет услуги поголема контрола врз тоа како луѓето сурфаат на интернет.

Таа го наведува овој потег како пример за тоа како Пекинг може да ја преземе водечката улога во важните технолошки стандарди кои се спротивни на пристапот на западните влади и нивните технолошки компании.

„Кога работите од стандард кој е ваш репер, и ако тој стандард е поставен во енергична, демократска пазарна економија, добивате глобален стандард што ќе функционира“, рече Вестагер.

Пекинг исто така развива нова стратегија наречена „Кинески стандарди 2035“ бидејќи се обидува да воспостави меѓународни правила во области како што се 5G и вештачката интелигенција.

Како дел од плановите за спротивставување на овие потези, Брисел „итно“ ќе развие стандарди за важни технологии и предизвици за животната средина, според нацрт-предлозите што ги виделе ФТ и Блумберг.

„Европската конкурентност, технолошкиот суверенитет и промоцијата на вредностите на ЕУ, највисоките општествени и еколошки амбиции ќе зависат од тоа колку се успешни европските актери на меѓународно ниво“, се вели во документот.

Комисијата е исто така загрижена за „нееднаквото влијание и правата на глас“ што ги имаат некои корпоративни интереси во рамките на Европскиот институт за телекомуникациски стандарди, ETSI и некои други европски организации, кои понекогаш ги застапуваат интересите на трети земји.

„Некои мултинационални компании освоија повеќе гласови од националните тела за стандардизација, кои ја претставуваат целата заедница на засегнати страни“, се вели во нацрт-стратегијата.

Поради оваа причина, Комисијата ќе ги измени правилата на ЕУ за да обезбеди дека националните тела за стандардизација се одговорни за одлучување за критичните фази во развојот на стандардите во согласност со европскиот мандат за стандардизација, како што се техничките спецификации, европските стандарди или хармонизираните стандарди.