МБА: Со средствата од Фондот за осигурување депозити досега се обесштетени 90% од штедачите во Еуростандард

90

Во врска со неодамнешните написи објавени во средствата за јавно информирање со кои се дава неточно известување за правата на доверителите при распределбата на средствата од стечајната маса во случајот со Еуростандард банка АД Скопје во стечај, при што се сугерира да не се почитува Законот за стечај по однос на начинот на намирување на побарувањата на доверителите од ист исплатен ред, Македонската банкарска асоцијација ја потсетува јавноста дека Фондот за осигурување на депозити иако е државна финансиска институција основана со посебен закон, истиот целосно е финансиран од премиите за осигурување на депозитите на физичките лица кои ги уплаќаат банките и штедилниците согласно нивната законска обврска.

– Благодарение на неговата поставеност и улога, како и на целосната финансиска поддршка од членовите на Македонската банкарска асоцијација, Фондот за осигурување на депозити даде значаен придонес кон создавање на стабилен и сигурен банкарски сектор кој ужива огромна доверба кај штедачите, поради што ваквата реалност не смее да биде загрозена од никого и на ниту еден начин, велат од МБА.

Фондот за осигурување депозити во случајот со Еуростандард банка АД Скопје во стечај, додаваат, навремено и ефикасно ја извршил својата законска обврска и од средствата на Фондот досега се обесштетени 90% од штедачите – физички лица со право на обесштетување.

– Статусот на Фондот за осигурување на депозити на доверител со утврдено побарување во предметната стечајна постапка е неспорен за правниот систем на нашата држава, а тоа го потврдија и судовите со свои одлуки. Во таа смисла, Македонската банкарска асоцијација очекува во рамки на стечајната постапка над Еуростандард банка АД Скопје во стечај целосно да се почитуваат одредбите од Законот за стечај и Фондот за осигурување на депозити како доверител, рамномерно и пропорционално да се намири истовремено со сите други доверители од ист исплатен ред, посочуваат од Асоцијацијата.

Сметаат дека секоја друга одлука би можела да нанесе ненадоместлива штета директно на Фондот за осигурување на депозити, а со тоа и индиректно на банките и штедилниците коишто го финансираат овој Фонд.